Wednesday, July 09, 2003

Тренд: заштита на детската „невиност“

Дневник во написот „Крв блика од лектирата за првоодделенците“ смета дека е „скандалозно“ тоа што на децата им се наметнува да читаат народни приказни во кои има убивање, умирање и слични настани.

Оставајќи ја настрана моралноста и полезноста на самиот чин на обврзување да се прочитаат точно одредени текстови (де факто создавање на канон), во моментов се прашувам дали има некои показатели кои би укажале на тоа колку информирањето на децата за непријатните страни на животот е полезно или штетно. Информирањето, кое не опфаќа искусување во смисла децата да бидат изложени на случки од тој вид.

Дали за детето е неопходно или потребно да помине икс број години „под стаклено ѕвоно“, па дури на подоцна возраст да дознае за темната страна на светот?

Ми изгледа дека самиот чин на добронамерно цензурирање доведува до навикнување и помирување со цензурата и при други околности.

Дали со ист аршин би требало да се мери и во однос на знаења од областа на сексуалноста?

***

Еден пример на наметнување на искусување наспроти информирање: изборот на мис-дете во Капиштец.

Како што забележа членката на тимот на Риалити Маседонија што ја обработи темата, првиот напис на Дневник за овој настан беше афирмативен, а вториот и понатамошните во кои се споменуваше ова беа негативно настроен кон настанот. Но тоа е дигресија.

Прашањето во која мерка она што ќе го дознаат (прочитаат, слушнат, видат) го одредува однесувањето на луѓето е отворено. Тука е и прашањето за (пре)насочување на внимание на влијанието на медиумите во програмирањето на децата, наспроти сите други влијанија, почнувајќи од примерот на родителите до примерот на државата (в. „Боулинг фор Коломбајн“). Радо би дознал што мислите вие за тоа (в. „контакт“ тука десно).

No comments: